Македонските танчери со Даунов синдром први во светот?
Foto

Македонските танчери со Даунов синдром први во светот?

Со златни медали и победнички дух, светските прваци во хип-хоп гордо ја носат својата победа. Десетина македонски танчери со Даунов синдром, им пркосат на сите предрасуди и редат светски признанија.  Ги сретнавме случајно, на роденденска забава на деца со попречености, каде денеска беа главните јунаци.

„Тука сме, за првото место освоено во Полска. Да покажеме што направивме за Македонија, и дека Македонија денеска и секогаш ќе се гордее со нас.“ - вели Александар Матовски, познат како Цако. 

И тој, е еден од членовите на танцовото студио „Денсерс јунајтед“, кои неодамна го освоија првото место во пара-категорија на Светското првенство во хип-хоп танци. Вели чувството на воздбуда го носи се уште во себе, како и неговите колеги.

„Многу убаво, и танцот и шетањето... Супер среќна сум“„ Играме да покажеме што можеме“ - велат светските шампиони.

Нивната инструкторка вели ова е доказ, дека кога на различните ќе им се даде шанса можат да постигнат многу, па и невозможното да го направат возможно.

„Најважно од се е на овие деца да им се даде шанса. Да ги вклучиме во општеството, да ги вклучиме во нашата околина. Така и тие доаѓаат до израз, кога им е дадена шанса тие можат се што и ние можеме, па во некои случаи и многу повеќе“ - вели Сара Кочан од танцовото студио „Денсерс јунајтед“ 
 
Но, колку Македонија знае да го препознае и искористи потенцијалот на овие деца? Со недостаток на кадар и институции соодветни за лица со попречености, нема еднаквост, децидни се засегнатите. Токму тоа го инспирирало и организаторот на настанот, на едно место да ги обедини различните.

„Има место каде што воопшто нема ниту дневни центри. Има места каде што децата нема каде да ги однесат. Значи не може се да биде во Скопје или во уште два поголеми града.“ -  потенцира Денис Јанкулоски од  Платформата „Аутизам.мк“

Надлежните уверуваат дека работат за потребите на овие луѓе и најавуваат отворање на дополнителни центри за престој. Но освен нови објекти, родителите потенцираат дека за вистинска инклузија,  неопходни се системски реформи и стратегија за ефикасна институционална грижа.

Foto

0 Коментари

Остави коментари