Македонскиот уметник Страхил Петровски со изложбата „Реминисценции“ – во Њујорк
Мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ на познатиот македонски визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември ќе биде отворена во Галерија МЦ (Gallery MC) во Македонскиот културен центар во Њујорк. Љубителите на уметноста и целата американска јавност ќе имаат можност да ја видат уметноста на Петровски до 9 јануари.
Пред посетителите ќе бидат претставени делата од најновиот негов циклус, а кој опфаќа големоформатни индустриски хартии, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи што добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор.
– Во новите светови, во свет без стабилни идентитети, во свет на непостојани идентитети, каде е тоа што го бараме, каде го наоѓаме значењето и дали воопшто го наоѓаме? Делата – индустриските хартии и цртежите, како и видеоинсталациите на Страхил Петровск, прикажуваат свест за оваа загубеност, затоа во фрагментацијата тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно по разорната фрактура на дваесеттиот век. Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста. Во овие наши нови светови, ни недостига „заедничкото“ значење.
Во видеоинсталациите во некои негови претходни изложби, кадри од војна, црви, изгорени дрвја, напуштени амбиенти со ќебиња што сега ги користат бездомниците, парадираат… загубени и заборавени луѓе. Совршени придружници на листовите од хартија и на делата во комбинирана техника на Петровски се овие фрагменти од урбаната дистопија, кои ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и со вечните проблеми – вели, меѓу другото, кустосот на изложбата и историчар на уметност, Сандра Деспотовиќ, во текстот кон изложбата „Реминисценции“. Таа посочи дека изложбата на Петровски ја означува новата креативна ера во неговото творештво, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет.
Претстојната изложба во Њујорк е негово второ претставување на уметничката сцена на овој светски центар на уметноста и дел од серијата негови самостојни изложби што ги реализираше во повеќе европски и светски културни центри. По изложбата во Париз во јуни годинава, тој се претставува во Њујорк со сосема нова концепција во просторот во галеријата и со нови дела, цртежи што го надополнуваат наративот на поставката.

