Македонскиот пат до Брисел поплочен со нови надежи и стари спорови

Како Македонија ќе го исцрта европскиот пат, ако ги распламти старите огнови со соседите? Во пресрет на европските избори, во време кога ЕУ се пребројува, кој ќе застане десно а кој лево во новиот состав на Европарламентот, се отвори нова дипломатска криза меѓу Скопје и Атина.

Како ќе се продолжи европскиот пат за земјата, кога на македонскиот тикет до Брисел стои условот - добрососедски односи и вметнување на Бугарите во Уставот?

- Ќе биде многу тешко доколку отворите фронт во надворешната политика, на државата која што е толку многу поврзана со истиот тој европски континент, на секаков, економски, политички и директен контакт помеѓу луѓето. Мислам дека ќе биде многу тешко и за нас, како граѓани на Северна Макеоднија и на владата да испорача, согласно очекувањата на граѓаните дека ќе се движиме кон ЕУ. Мислам дека ќе биде , веројатно и невозможно доколку отвориме дополнителен фронт со соседите. - изјави Симонида Кацарска директорка на ЕПИ.

И додека се подгреваат надежи за ново тн Биг Бенг- големо проширување на ЕУ, кое би се случило после 20години откако Унијата ги отвори вратите, Кацарска вели - за да се случи такво проширување, треба да се зборува и за спремни кандидати за членство. 

Вчера и евроамбасадорот Гир и амбасадорот на Словенија Прескер, по повод 2 заокружени децении од големото отворање на европската врата и порачаа на земјата дека треба да работи на европската иднина, на реформски план и со одредени жртви.

- Државата има интерес да продолжи на својот пат кон ЕУ. Ние во ЕУ сме подготвени да работиме со новата влада, со секој кој го поддржува процесот на реформи, кој е потребен за придружување на ЕУ. - рече Гир.

- Членството во ЕУ носи голем број предности. Вашите политичари многу добро знаат кои се тие предности. Тие мора да направат одредени жртвувања за да ги добијат тие предности. Ние исто така направивме жртвувања. Тие мора да го следат нашиот пример. - изјави Грегор Прескер амбасадор на Словенија.

Од 1ви јули Унгарија ја презема палката за претседавање со ЕУ. За Унгарија има најави и дека следниот период повторно може да го бара секторот проширување во новата Европска Комисија, но засега постои негативен одговор од голем број од земјите членки. Очекувањата на Македонија, пак, од новиот претседавач Будимпешта, се дека можеби Самитот Западен Балкан - ЕУ, ќе се случи токму во Скопје.