Македонскиот КИЦ во Софија на свеченоста по повод Денот на Армијата на Полска
Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски на лична покана на г-ѓа Ана Јанишевска-Фрачек, вршител на должноста амбасадор на Република Полска и полковникот Томаш Малитон, воено аташе на Република Полска вчера присуствуваше на свечениот прием во Амбасадата на Република Полска во Софија, организиран по повод Денот на Армијата на Република Полска – 15 Август.
-Присуството на директорот на Македонскиот КИЦ на оваа свеченост претставуваше значаен дипломатски и културен чин, но и можност за продолжување на непосредниот дијалог со претставници на дипломатскиот и воениот кор, како и со личности од јавниот и културниот живот. Денот на Армијата на Република Полска е еден од значајните датуми во полскиот национален календар. Одбележувањето на 15 Август носи силна историска симболика и претставува можност да се оддаде почит кон припадниците на Полските вооружени сили, нивната служба, професионалност, храброст и посветеност кон татковината - се вели во соопштението на македонскиот КИЦ.
Свечениот прием во Полската амбасада во Софија, се додава во соопштението, се одржа во достоинствена и пријателска атмосфера, со присуство на бројни претставници на дипломатскиот и воениот кор. Настанот воедно претставуваше простор за непосредни средби, размена на мислења и зацврстување на контактите меѓу институциите и претставниците на различни земји.
Во рамките на приемот остварил повеќе средби и разговори со присутните гости, при што посебен акцент бил ставен на значењето на културната дипломатија и на нејзината улога во создавањето трајни мостови меѓу народите.

