Македонскиот џез на јубилејното 50. издание на Jazz Juniors во Полска
Директорот на Џез фактори фестивалот од Битола, Сашо Поповски, ќе биде дел од меѓународниот фестивалски совет на јубилејното 50. издание на Jazz Juniors во Краков, Полска, што се одржува од 1 до 5 октомври. Поповски вторпат учествува во советодавниот орган на оваа европска сцена, каде што ќе ја промовира и домашната џез заедница преку презентација на Националната џез платформа на Македонија.
Учеството во меѓународниот совет на партнери во Краков носи конкретна цел: вмрежување на домашните уметници со европски продуценти и фестивали. За Поповски, фокусот не е само институционалното присуство, туку отворањето патишта за настапи и соработка на македонските музичари надвор од границите.
„За мене, ова учество не е само лична чест, туку пред сè можност за претставување на македонската џез сцена, Битола и нејзиниот културен потенцијал пред меѓународната џез заедница. Како директор на Jazz Factory Festival – Bitola, продолжувам да работам на создавање мостови меѓу македонските музичари и меѓународната џез сцена – преку соработка, размена, вмрежување, нови партнерства и отворање можности за развој и промоција на македонските уметници“, истакнува Поповски.

