Македонски војници затруени со јаглерод моноксид во Словенија, двајца во болница
Војниците на АРМ не се во опасност, сите кои биле изложени на гасот биле прегледани и третирани на лице место. Од македонското министерство за одбрана потврдија дека здравствената состојба на македонските војници е добра откако тие се затруле со јаглерод моноксид додека црпеле вода од подрум во Домот на култура во Чрна на Корошкем, во Словенија.
Министерство за одбрана
„Двајца македонски војници од контингентот упатен на испомош во Словенија во текот на вчерашниот ден по чистење на подрумски простории од последиците од поплавите, заедно со словенечките колеги, се пожалиле на мачнина од јаглерод моноксид по што превентивно се префрлени во болница за детални прегледи.“
Главниот лекар на Армијата на Словенија Роберт Карота, соопшти дека меѓу затруените, покрај двајцата наши војници, се и пет припадници на словенечката војска и еден пожарникар. Според проценките на лекарите, сите затруени се чувствуваат добро и не се во животна опасност. Но во вечерните часови здравствената состојба на уште двајца пожарникари се влошила, кои со возило на Брза помош биле пренесени во болница.
Роберт Карота Главниот лекар на Армијата на Словенија
„Инцидентот се случил додека работеле на отстранување на последиците од неодамнешните поплави во Чрна. Вкупно 32 лица биле изложени на гас, меѓу кои 18 припадници на македонската армија, осум пожарникари и шест припадници на словенечката армија. Затруените лица веднаш со хеликоптер биле пренесени во болници во Словен Градец, Марибор, Тополшица и Љубљана каде што им била укажана соодветна помош. “
Пред околу десетина дена 100 македонски војници заминаа во земјата за да помогнат во санирањето на последиците од поплавите кои ја погодија Словенија.