Македонски мјузикл „Као какао“ инспириран од музиката на Влатко Стефановски

Љубовна приказна со мелодрамски ефекти, противници и со голем копнеж да се успее, затоа што човекот е копнеж. Тече процесот за македонскиот мјузикл „Као какао“ инспириран од музиката на најголемиот виртуоз на гитара кај нас и пошироко, пејач, текстописец, еден од основачите на музичката група „Леб и сол“, Влатко Стефановски.

Од продукцијата потенцираа дека логично било да се направи мјузикл на музичкото дело на Стефановски, за неговата модерната музика која ги преминува нашите граници и регионот.  

Влатко Стефановски-виртуоз на гитара, пејач, текстописец  

„Да бидам искрен, во оваа фаза од мојот живот и од мојата кариера прилично сум пребирлив околу тоа што би работел, а што не би работел. Но, првото кафе кое го испив со Пројковски и Манде, кога ми спомнаа „што мислиш да се прави еден мјузикл на твоја музика?“-јас реков зошто да не. Подобро е да бидам сведок на тоа отколку да се прави откако ќе ме нема. Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот, кој го читав во авион враќајќи се од Лондон. Кога еден текст е добар? Ако те допре емотивно, добар е. Ако не те допре не е добар. Овој текст ме насмеа три пати и ме расплака два пати-што е гаранција дека текстот е навистина добар.“      

Венко Андоновски за Влатко Стефановски посочи дека е човек-епоха. Во креативниот процес, пишувањето, Андоновски го водела музиката и песните кои сами раскажуваат приказна, а во самиот текст ги внел љубовта и страста кон музиката на Влатко Стефановски. 

Венко Андоновски-македонски писател, драмски автор

„За таква величина од Тафталиџе, мојата генерација ја имаше таа среќа, во Тафталиџе да има светски гитарист. Влатко отсекогаш бил за мене опсесија како музичар.“                             

Режисерот Дејан Пројковски за музиката на Влатко Стефановски истакна дека е еден вид на македонска музичка лична карта. 

Дејан Пројковски-театарски режисер

„Освен авторската музика на Влатко, голема работа е брендирањето на македонската традиционална музика која ја направи Влатко и мислам дека она по што сме музички познати сигурно е една голема негова заслуга.“       

Премиерата на „Као какао“ е најавена за месец мај во Македонскиот народен театар.