Македонски апсурди: Медицинските сестри се во дефицит а работат за 18 илјади денари со договор на дело

Со договор на дело, без здравствено осигурување, за плата помала и од минималната, околу 2.000 здравствени работници во болниците низ земјава работат под вакви услови. Меѓу нив е и Билјана Џонова, медидинска сестра на одделението за вацкинација на деца во скопската поликлиника „Јане Сандански“, која што пет години работи со договор на дело.

Билјана Џонова – Медицинска сестра

„Треба да си плаќаме и здравствено осигурвање, тоа е 1.800 денари, практично ние земаме 18.000 плата што е под минималната плата. Немаме ниту здравствено ниту пензинско осигурување, немаме право ниту на одмор, ако еден ден не се појавиме на работа, ни кинат дневница, а сме ангажирани секаде, особено за ковид панемијата бевме секаде ангажирани, дури и на КАРИЛ. Последниве две години јас сум на одделението за вакцинација, секој ден имаме премногу работа, немаме ниту доволно персонал, работиме еден доктор и една сестра. Јас имам стаж 14 години и 5 месеци, а тука сум 5 години на договр на дело. Ние молиме за да не вработат, ние сме апсолутно обучени и даваме од се себе и мислиме дека ќе најдат решение да не вметнат во системот, не бараме да не наградат.“

Токму поради ваквите состојби, денеска, по втор пат Независниот синдикат на здравствените работници излезе на протест за време на паузата пред неколку здраствени установи во Скопје.

 

Едно од барањата на синдикатот до Меџити е итно да се реши статусот на овие здраствени работници.

Боби Бојчевски – Независен синдикат на здравствени работници

„Бараме итно и апел до Минитсерот за здравство и Владата, да се реши статусот на тие вработени, бидејќи тие се млади луѓе коишто професионално си ја вршат работа и кога беше ковид кризата беа во првите редови и помогнаа и потребно е државата да им се заблагодари со трансромација на договорите. Тоа е мала бројка со која би им се помогнало на тие луѓе, затоа што свесни сме дека се случува потоп и младите луѓе си заминуваат. Срамно е луѓето коишто беа пред две години херои сега да бидат заборавено минато“.

Другите барања се покачување на платите за 30 проценти, нов колективен договор, бенефициран работен стаж, како и зголемување на инфективниот додаток од 1 на 4% .

Министерот за здравство пак порача дека тој соработувал со службените синдикати што ги познава државата. Не одговори конкретно дали и што од овие барања ќе се заложи како министер да ги реализира, освен за платите за кои рече дека догодина ќе се направат обиди да се покачат.

Фатмир Меџити – Министер за здраство

„Заедно ќе се стремиме, ќе работиме со синдикатите во 2024 за да ги покачиме платите“.

Од синдикатот бараат средба со Меџити за да му ги соопштат проблемите, а доколку тоа не се случи најавуваат мирен протест на 24 ноември пред Министерството за здравство, а на 2 декември и протестен марш до Владата.