Македонската репрезентација во ракомет на плажа ќе настапи на турнир во Полска
Македонската репрезентација во ракомет на плажа ќе настапи на силен меѓународен турнир во Полска, а подготовките се закажани за почетокот на идната недела, објави денеска Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Првиот собир на репрезентацијата е закажан за в понеделник во Охрид и по неколкудневните подготовки, националниот тим ќе отпатува за Плоцк, каде ќе учествува на меѓународен турнир во конкуренција на европски селекции.
Прв противник на македонската репрезентација ќе биде Чешка, на 13 јуни, по што следуваат дуелите против Германија и домаќинот Полска.
„Турнирот претставува уште една можност за нашата репрезентација да стекне значајно меѓународно искуство и да го промовира македонскиот ракомет на плажа на европската сцена“, соопшти РФМ.
За селектор на македонската репрезентација во ракомет на плажа е назначен Наум Бабачев.

