Македонската економија во 2024 година се очекува да забрза до ниво од 2,5% и да достигне 3 % до 2027
Македонската економија во 2024 година се очекува да забрза до ниво од 2,5% и да достигне 3 % до 2027 , јавниот долг да остане умерен и да се стабилизира на 57% од БДП до 2027 година, а буџетскиот дефицит за годинава е ревидиран на 4,9 % и се очекува од 2025 година да се зајакнат напорите за фискална консолидација согласно Законот за буџети. Ова го констатира Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандар и пурс“ во најновиот извештај со кој земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи.
„Стандард и пурс“ во извештајот наведува дека земјата забележа стапка на раст од 1,3% во 2023 година, продолжувајќи го ваквиот тренд од последните две години, поради слабата надворешна побарувачка и инвестиции. Поконкретно, во извештајот се констатира дека „во првиот квартал од 2024 година, економијата забележа раст од 1,3% на годишно ниво, што е доминантно поттикнат од инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти“, кои според Агенцијата и во наредниот период ќе бидат двигатели на економскиот раст. Ризиците кои може да влијаат на намалување на растот се поврзани со неизвесното економско окружување во ЕУ и потенцијалот за зголемување на цените на суровините поттикнати од глобалните геополитички тензии. Сепак, очекувањата на Aгенцијата се растот да закрепне и да достигне 3% до 2027 година поттикнат од очекуваното зголемување на надворешната побарувачка и зајакнување на кредитната активност.