Македонската армија денеска прославува 27 години постоење
Foto

Македонската армија денеска прославува 27 години постоење

Започна скромно и во крајно неповолни услови за денеска да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО вака претседателот Стево Пендаровски го започна својот говор на прославата по повод денот на Армијата 18 ти август.

Патот кон НАТО е изоден преку макотрпни реформи и лични вложувања на вооружените сили, а членството во него ќе донесе подобар животен професионален стандард и услови за работа  напомена Пендаровски кој  искористи можност да потенцира дека покрај безбедноста приоритет и понатаму треба да биде издигнување на владеењето на правото и враќање на довербата на граѓаните во институциите и во државата.

Изразувајќи благодарност за професионализмот и стручноста на сите припадници на армијата министерката за одбрана Радмила Шеќеринска говореше за напредокот направен последниве две години и новите вложувања за подоистонствени услови за работа во иднина.

Свеченоста по повод 27 миот роденден на Армијата се одржа во армискиот центар во Охрид, а започна со интонирање на државната, а потоа и армиската химна во присуство на  највисокиот државен и воен врв на земјава, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, претставници на дипломатскиот кор,присутен беше и командантот на Националната гарда на Вермонт полковникот Грегори Најт кој е во повеќедневна посета на земјата  по повод одбележување на уште еден јубилеј –  25 години од билатералната соработка.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”. Процесот за формирање на современата армија на земјава започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша Договорот за дислокација на федералната армија од територијата на државата.

0 Коментари

Остави коментари