Македонска сателитска ТВ ќе дели бесплатни ресивери за Македонците во Бугарија
По информациите дека повторно ќе се доделуваат бесплатни ресивери во Македонија за гледање на бугарски телевизиски канали, македонската сателитска телевизија ИНТВ објави дека ќе направи контраакција и ќе доделува бесплатни ресивери за сите Македонци во Бугарија. Како што велат од компанијата секој заинтересиран може да се обрати директно до ИНТВ, а ресиверите ќе им бидат доставени. Поради големиот интерес, ресиверите ќе се доделуваат преку македонски здруженија во Бугарија. Стојко Стојков од „ОМО Илинден Пирин“ за ТВ24 вели дека идејата е добра и верува ќе има добар прием кај Македонците во Бугарија.
Ова доаѓа откако бугарските организации како „Фондација Македонија“ ја засилија својата активност во Македонија. Организацијата покрај субвенциите за учење на бугарскиот јазик нуди и бесплатно инсталирање на бугарска сателитска телевизија и бесплатни постери на кои пишува „Ние сме еден народ“. Во Македонија неколку години наназад работи бугарското неделно училиште „Здравеи“ во кое деца учат бугарски јазик, литература и историја. За нивниот ангажман децата од Македонија добиваат награда од 30 евра месечно. Според досегашното искуство, Стојков очекува негативни реакции во Бугарија за акцијата на ИНТВ, а вели не би требало да биде така.
Бугарските организации имаат засилени активности во областите Голото Брдо, Албанија и во Гора на Косово каде што живеат Македонци. Иницијативата во Голо Брдо се вика „Знај ја Бугарија“ и преку неа на жителите им се подарува бугарска сателитска телевизија и бугарски книги. После нивните активности на последниот попис во Албанија повеќе жители се изјаснија како Бугари отколку како Македонци.

