Македонска премиера на „Кајмак“

Премиерата на „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски ќе се случи во среда, 16 ноември во Македонската филхармонија.

Веќе од следниот ден, четврток, „Кајмак“ почнува истовремено да се прикажува во речиси 30 градови низ целата земја.

„Кајмак“ ќе игра во цела Македонија. Направивме напор филмот да го донесеме во секое кино, каде има техничка можност за прикажување“, вели продуцентот Јане Ќортошев.

Неодамна, Кајмак имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна. Весникот Џапан тудеј (Japan Today) го нарече филмот „мрсна сатира“. Манчевски беше во центарот на збиднувањата во Токио, каде одржа и мастерклас кој имаше голем одглас кај публиката.

Веднаш потоа „Кајмак“ отпатува во Тајван, каде се прикажа на Филмскиот фестивaл Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следеа сесии разговори со публиката која ја пофали приказната, велејќи дека постојано изненадува. 

Актерките Ана Стојановска и Сара Климоска, кои имаа прилика први да го погледнат филмот во Токио, по проекцијата имаа и разговори со јапонската публика.