Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“

Со концертот насловен „80 години – Љубов“, денеска, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр. 1 – „Титан“ од Густав Малер.

- Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија - маестро Јерухам Шаровски од Израел, информираат од Македонска филхармонија.

Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19.30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.