Македонија заглавена меѓу уставните измени и најавите на владата дека ќе испреговара нови услови

Како Влада изразуваме задоволство и и честитаме на Албанија за отворањето на поглавјата со ЕУ, но од друга страна изразуваме жалење во која состојба се наоѓа земјава, изјави портпаролката на владата Марија Митева.

Ќе продолжи презентацијата на нашите ставови и позиции и деблокирањето на процесот на придвижување на земјава кон ЕУ, вели портпаролката на Владата.. 

Одвојувањето на Албанија и прекинот на преговорите со ЕУ е голем пораз на погрешните политики на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ. Наместо да биде ден кога сите политички субјекти и граѓаните заедно ќе се радуваат на нов национален и државен успех, на нова надеж за подобро утре, денеска со горчина може да контстатираме дека Македонија повеќе нема европска перспектива, велат од и додаваат дека СДСМ не може да биде параван за промашените политики на Мицкоски за ЕУ.

„И како опозиција и како власт, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски свесно и намерно го блокираат европскиот пат на државата. Резултатот на тие погрешни политики и дипломатски промашувања го гледаме денеска. Албанија продолжува напред по патот на ЕУ а Македонија влегува во нова неизвесност, без план како  понатаму.“ - СДСМ.

Срдечно им честитам на сите Албанци, на премиерот на Албанија Еди Рама и на целиот тим што неуморно работи на отварање на првото преговарачко поглавје. Ова на фејсбук го напиша лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети. Тој вели дека мора да се спомене очајот што Северна Македонија не е до Албанија поради блокадата на нашиот европски пат, како резултат на неспроведувањето на преговарачката рамка одобрена од Светот на Европската Унија и Северна Македонија. 

„Мораме да дадеме се од себе да ја обезбедиме и запечатиме европската иднина на нашите граѓани со покажување на лидерство и решителност. Нема друга алтернатива. Европа ни е единствениот пат.“ - Ахмети.

Албанија го отвори првиот кластер со Европската унија на денешната меѓувладина конференција. Тирана формално ги отвори пристапните преговори со ЕУ, заедно со Македонија во јули 2022, но земјава остана блокирана поради условот да се внесат Бугарите во Уставот.