Македонија во црвено-жолта зона, регионот полека ги затвора границите за нашите државјани
Foto

Македонија во црвено-жолта зона, регионот полека ги затвора границите за нашите државјани

Со растот на новозаболени - Македонците полека стануваат непожелни за другите земји. Мапата во регионот полека исцртува црвени и жолти линии за Македонија како знак за високоризична земја. Само северниот сосед ни даде зелено светло за влез.

Словенија, Бугарија и Црна Гора веќе воведоа 14-дневен карантин за сите кои доаѓаат од земјава, Кипар не ја стави Македонија на листата за влез, а можно е на 15 јуни и Грција да не ја отвори границата за Македонија.

Словенечката влада објави дека состојбата во Македонија е тешка, а одлуката за 14-дневен карантин ќе важи за сите кои од земјава ќе се обидат да влезат во Словенија

„Епидемиолошката ситуација во Северна Македонија е вонредно тешка. Сите оние што ќе дојдат во Словенија од таа држава, дури и словенечките државјани, мора да одат во 14-дневен карантин“ - велат од МВР на Словенија.

И Кипар ги затвори вратите за Македонците. Оваа туристичка дестинација ги отвори границите за 13 земји без карантин со услов да бидат негативно тестирани на корона вирусот. Овој список на земји дури и ќе се прошири на 20 јуни, но Македонија не спаѓа ниту во двете групи, а дозволен ќе биде влез само за посебни околности и по одобрување од кипарската влада.

Пред некој ден одлука за 14 дневен карантин за македонските граѓани донесе и Бугарија. Црна Гора пак уште на 1ви јуни ја врати Македонија на црната листа. Црногорскиот Институт за јавно здравје објави ажуриран список на земји со активна стапка на случаи на ковид-19 на помалку од 25 заразени на 100.000 жители, кои ќе можат да престојуваат во Црна Гора без карантин. Но, на списокот ја нема Македонија.

Јужниот сосед пак на големо се спрема за отворање на туристичката сезона, но се уште не се знае дали Македонците ова во скоро време ќе можат да уживаат на грчките плажи. Грчкиот државен министер, Јоргос Герапетрис во интервју за радио „Солун“ изјави дека не се исклучува можноста границата со Северна Македонија да не биде отворена на 15 јуни поради растот на новозаболени од Ковид – 19.

Вратите за Македонија засега ги отвори  Србија. Албанија најави дека ќе ја следи ситуацијата со новозаразени во земјава и врз основа на тие бројки ќе одлучи под кои услови ќе ги прима нашите граѓани. Косово бара негативен тест не постар од 4 дена или 14 дневна домашна изолација.

0 Коментари

Остави коментари