Македонија со европско сребро, Ана Бергер со злато – параглајдеристите испишаа историја во Крушево
Македонија е европски вицешампион во параглајдинг, а Ана Бергер е новата европска шампионка во женска конкуренција. На домашен терен, пред публиката во Крушево, македонската параглајдинг репрезентација стигна до историскиот успех – сребро во екипна конкуренција, додека Бергер го освои европскиот врв во поединечна женска конкуренција.
Европското првенство во параглајдинг се одржа од 8 до 19 август во Крушево, со учество на 130 пилоти од 30 земји. Словенија го освои златниот медал во екипна конкуренција, Македонија заврши на второто место, додека бронзата ѝ припадна на Шпанија.
Македонија го започна првенството од деветтото место, но со секоја нова трка постепено напредуваше на табелата. На седмиот натпреварувачки ден тимот се искачи на третата позиција, а клучниот чекор кон среброто беше направен на 18 август, кога македонските пилоти успеаја да ја надлетаат Шпанија и да се искачат на второто место.
Преостануваше уште само последниот натпреварувачки ден – и Македонија ја одбрани позицијата и го освои европското сребро.
Во текот на првенството беа одлетани девет трки, долги од 68 до 104 километри. Секој од пилотите прелета вкупно 813 километри и помина повеќе од 35 часа во воздух во деветте натпреварувачки дена.

