Македонија прави се да се претстави како добар домаќин за министерскиот совет на ОБСЕ

Од утре до петок во Македонија ќе се одржува 30от министерски самит на ОБСЕ, на кој ќе присуствуваат над 70 делегации и преку 1000 учесници, што претставува еден од најголемите настани што некогаш е организиран во државава.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека со оглед на тоа што станува збор за опсежна акција, подготовките за овој настан траеле цела година, а во нив покрај МВР се вклучени повеќе служби. Со оглед на тоа што за време на самитот Скопје ќе фукционира под посебен сообраќаен режим, Спасовски најави блокади само на одредени улици по кои ќе се движат делегациите и апелира да се почитуваат наредбите на полициските службеници. Учесниците на Самитот ќе се обезбедуваат од земја и од воздух, но МВР одбива ка излезе со точен број на полицајци кои ќе се грижат за бзбедноста.

- Ние се подготвуваме цела година за овој самит, постојат детални планови во ова, најавени се присуство на повеќе од 70 делегации коишто се предводени од нивните шефови пред се министри за надворешни работи. Целосно сме подготвени сите служби и секторот за внатрешни работи, одделот за заштита на одредени личности, објекти, единицата за службени кучиња и воздухопловната единица сите учествуваме во рамки на својот дел секако и другите институции, вели Спасовски.  

Министерскиот состанок ја скрати работната недела.  Владата одлучи работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје на 29 ноември да заврши во 12 часот, а 30 ноември да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје, како и за основните и средните училишта во Скопје.

Оваа одлука не важи за вработените во здравствените установи.

- Здравствената заштита ќе се одвива континуирано и непрекинато за сите пациенти како и досега, и истата нема да влијае на достапноста на здравствена заштита на населението. Поради одржувањето на овој важен министерски состанок, медицинските установи се задолжени во овие денови да имаат обезбедено дежурни лекарски екипи и друг медицински персонал со потребни простори и опрема за укажување на медицинска помош, односно да бидат во состојба на подготвеност со своите капацитети. - велат од Министерството за здравство.

Министрите и членовите на нивните делации ќе имаат неформална вечера,  На која е потврдено е присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Се уште не се знае дали на нефорамлната вечера ќе присуствува и првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лаврој, чие присуство е потврдено на официјалниот дел.

Неформалната вечера ќе се одржи во Александар Палас, а гостите ќе бидат послужени со македонски традиционални јадења, ролован лаврак, полнета тиквица со зеленчук, димен лосос, ајсберг салата со рукула, бифтек, карамерилизарно цвекло, варена круша во вино, слатко од зелена смоква. Има и посебни побарувања. Германскиот министер не сака цвекло и бибер, унгарскиот министер не сака алкохол и морска храна, а генералниот секретар на ОБСЕ е алергичен на праз и црвено месо. Помеѓу гостите има вегетаринаци, а претставникот на Монако е алергичен на глутен. Инспекција денеска потврдила дека храната е квалитетна и безбедна. Храната ќе се проверува и утре непосредно пред вечерата.

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје информира дека утре, за време на одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз ќе сообраќа вообичаено, по зимен делничен возен ред, а во четврток автобусите ќе возат по саботен возен ред. Пунктовите за издавање на лични документи ќе работат со полно работно време, што значи дека закажаните термини за фотографирање и замена на лични документи ќе бидат реализирани. 

Измените на возниот ред на ЈСП и најавите за затворени улици ги револтираат граѓаните, но го поздравуваат доаѓањето на високите политички имања од светски ранг. Триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ ќе биде 24 часа покриен со присуство на екипи и од Итната медицинска помош.