Македонија повторно влече електрична енергија од Европската енергетска асоцијација
Иако речиси сите капацитети за производство работат, земјава се соочила со недостиг на струја во неделата, кога за прв пат зимава температурите драстично опаднаа.
Токму тогаш се повлечени 1700 мегавати од европската мрежа, за што Македонија, исто како и лани, повторно беше опомената. Но, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ЕСМ не била едиснствената компанија, која во неделата повлекла струја од европската мрежа.
Кои се тие компании, Бектеши не знае, оти пресек за тоа се правело една месечно, па дури тогаш ќе се знае името на ненајавениот повлекувач. Недостигот во неделата го потврди и ЕСМ, но оттаму се правдаат - кусокот од околу 820 мегавати бил поради скокот на потрошувачката, која ги надминала и номинираните количини од ЕВН Хоме, а повлекувањето не било надвор од правилата.
„Повлекувањето енергија од европската мрежа е всушност утврден балансен механизам согласно правилник кој важи во цела интерконективно поврзана Европа“, велат од ЕСМ.а
Од утрово РЕК Битола работи со еден блок помалку. Од ЕСМ велат дека единицата е исклучена на 24 часа поради редовен сервис и уверуваат дека и без него, но и без Осломеј, кој утре се враќа на мрежа, снабдувањето на земјава со струја е по планот. Во меѓувреме, граѓаните ги добиваат сметките за струја со новата цена, која важи од 1 јануари. Дел од нив се збунети, оти во сметките е направен пресек на читање на 31 декември.
Енергетската состојба во земјава е стабилна и покрај кризата, едногласни се властите. Земјава се придружи на европското ембарго и забрани увоз на руска нафта. Според министерот Бектеши ова нема да донесе нафтена криза, оти Македонија не зависи од руското дизел гориво.