Македонија почнува да го гради интерконекторот со Србија, кој и колку ќе го користи
Македонија го отвора северниот гасен правец. Денеска е потпишан договорот за изградба на интерконекторот со Србија, инвестиција вредна 29,4 милиони евра. Српски „Рапид билд“ ќе го проектира и изгради македонскиот дел долг 22,4 километри, од Клечовце до границата кај Сопот, со капацитет до 160 илјади кубни метри гас на час.
Рокот е последниот квартал од 2028 година, а системот е предвиден за проток на гас во двете насоки. Но економската сметка за државата ќе зависи од тоа колку ќе се користи новиот капацитет, колкав ќе биде интересот на трговците и дали низ цевката навистина ќе има доволно гас.
Клучот за поголем избор на снабдувачи е јужната врска со Грција, преку која Македонија треба да добие пристап до терминалите за течен природен гас и до азербејџанскиот гас што до Европа стигнува преку Трансјадранскиот гасовод. Денес земјава има функционален влез преку Бугарија, па новата рута треба да ја намали зависноста од една влезна точка. Но повеќе цевки сами по себе не значат автоматски и поевтин гас. За тоа се потребни конкуренција меѓу снабдувачите и доволно побарувачка. А домашниот ефект останува посебен предизвик, бидејќи во земјава сè уште функционираат само три помали системи за дистрибуција на природен гас.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува интерконекторот со Грција да биде завршен во првата половина на 2027 година, а тој со Србија до крајот на 2028, со што земјава би добила целосна гасна поврзаност од север кон југ и обратно и поголема геостратешка тежина.
Грчката врска, чиј македонски дел е околу 67 километри, е проект подготвуван со години и со европска финансиска поддршка, а треба да го отвори системот кон Трансјадранскиот гасовод и терминалите за течен природен гас. Во проектот Александруполис земјава влезе уште во 2021 година. ЕСМ закупи капацитет во терминалот за течен гас, а тогашниот НЕР, денес дел од НОМАГАС, планираше и сопственички удел во проектот, но денес не е меѓу акционерите.

