Македонија нема план за заштита од хакерски и сајбер напади, експертите бараат итен план за одбрана

Македонија нема план за заштита од хакерски и сајбер напади, затоа институциите често се нивна мета од различни причини, некогаш за откуп на пари, друг пат за да креираат хаос, како дел од хибрдините војни од кои земјава не е исклучок. Експертите бараат итна акција за да се спречат или намалат нападите во иднина.

Акциски план кој ќе ги вклучи домашните ИТ експерти со надворешна поддршка и издвојување на буџетски средства за негова реализација, треба да биде дел од стратегијата за заштита од хакерските напади, смета комуникологот Бојан Кордалов, зборувајќи за актуелниот сајбер напад врз фондот за здравство, кој веќе 12 дена е хакиран.

Од фондот не дадоа многу детали за нападот, но истакнаа дека тимови работат на прочистување на системот. Кордалов објаснува дека хибридни напади се случуваат насекаде во светот, но потребна е домашна стратегија која ќе ги превенира или решава кога ќе дојде до истите.

Премиерот Димитар Ковачевски завчера рече дека системот на фондот е хакиран со помош на ransomware што во компјутерскиот речник значи сајбер напад при кој хакерите потоа бараат откуп за да ви ги вратат податоците. Иако ниту од Фондот, ниту од МВР не потврдија дека се работи за ваков напад, сепак ИТ експертите со кои разговаравме велат оти нападите со ransomware стануваат се почести, но објаснуваат и дека постои начин како да се заштитиме од нив. 

- Ransomware нападите се некој вид вирус кој го активираме сами на тој начин што отвораме линк кој во себе го содржи вирусот. Кога вирусот ќе влезе во вашиот компјутер во позадина ги криптира податоците ги претвора во неразбирлив формат и потоа хакерите ви праќаат мејл дека треба да платите за да ви ги вратат податоците. Најдобра заштита е да се има бекап на сите податоци на хардиск или уред кој не е поврзан со системот. Доколку во моментот на напад бекапот ви е приклучен физички во компјутер, тогаш и тие податоци ќе бидат мета на напад. Затоа, најдобро е податоците во бекапот да се чуваат офлајн. - велат ИТ експерти.

Хакерскиот напад врз фондот предизвика хаос во функционирањето на оваа институција, а здравствените работници не ги добија парите согласно законскиот рок – 15 февруари. Од фондот вчера смируваа дека системот се прочистува, здравствените и личните податоци на граѓаните се заштитени, а тврдеа и дека во текот на следната недела ќе се започне со исплата на задоцнетите плати.