Македонија нема абер од вакцини, се чека спас и од колективниот имунитет
Foto

Македонија нема абер од вакцини, се чека спас и од колективниот имунитет

Се уште не знае кога ќе пристигнат вакцините од Србија. На прашање на ТВ 24 до каде се процедурите и кога земјава ќе ги добие, од кабинетот на министерот само кусо одговорија дека кога ќе пристигнат вакцините навреме ќе ја информираат јавноста.

Дел од епидемиозите пак порачуваат дека додека да стигнат вакцините кај нас, луѓето природно ќе стекнат имунитет. Професорот Даниловски за ТВ 24 вели дека чекајќи ги вакцините во Македонија е како чекајќи го Годо.

Чекајќи ги вакцините, ќе си ја свршиме работата сами на природен начин, по некои пресметки, ние некаде меѓу 42 и 45% опфатени граѓани имаме со инфекција, независно дали се асимптоматски или со симптоми, тоа е околу 750.000 граѓани. Околу 1.6 милиони граѓани користат здравствени услуги во Македонија. Со оваа динамика за 2-3 месеци ќе го достигнеме прагот на колективен имунитет, па за кого ќе се вакцините?“ - изјави д-р Драган Даниловски епидемиолог.

Она што го заплашува светот се новите мутации на вирусот, поради кои одредени европски земји одново воведува рестриктивни мерки. Досега регистрирани се три мутации во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка, за кои се смета дека се шират побрзо.

Нашите здравствени власти тврдат дека мутацијата која се појави во Велика Британија, а која е многу позаразна, кај нас ја нема. Сепак испитувањата се однесуваат до 11-ти јануари.

„Заклучно со 11 јануари 2021 година не е утврдено присуство на SARS-CoV-2 вирусот од Велика Британија во нашата земја. Овие наоди се базирани на податоците од лабораторијата на МАНУ добиени при анализа на геномите на близу 180 SARS-CoV-2 вируси кај пациенти од Македонија дијагностицирани во периодот јуни 2020 – 11 јануари 2021 година.“ - велат од Минстерството за здравство.

Пред неколку дена мутираниот вирус кој што ги имаше во Британија се појави и во соседна Србија, а претходно беше регистриран и во Словенија. Професорот Даниловски вели дека не е чудно што вирусите како короната мутираат, но она што се поставува како прашање е дали вакцините ќе бидат ефикасни и кај мутиациите?

Засега има три мутации на вирусот, засега се дознава дека вакцината на Фајзер и Модерна делуваат и на јужноафриканскиот сој на вирусот. Откриено е дека британската варијанта е 35% позаразна од оригиналниот тип, а јужноафриканскиот сој е 75% позаразен. Се претпоставува од искуството на Британија дека клиничката слика не е поразлична, но преносливоста е поголема. Ќе заболат повеќе луѓе, веројатно ќе има и повеќе починати. Истите мерки кои се преземаат за постоечкиот вирус функционираат и за британскиот сој. Треба маските поригорозно да се носат и дистанцата да се држи по внимателно. Ова не треба да не изненадува. РНК вирусите се нестабилни, мутираат многу често.“ - вели д-р Даниловски.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска на состанок ќе разговараат за стратегијата за дистрибуција на вакцините против Ковид до трети земји, пред се од Западен Балкан. Набавка на вакцините во Европа е првата точка на дневниот ред на состанокот, и се очекува да се каже каква ќе биде стратегијата на Унијата за еднаква дистрибуција во сите земји, вклучително и во Западен Балкан.

0 Коментари

Остави коментари