Македонија на избори без претседател на Антикорупциска и без Народен правобранител
Утре на седница се избира нов заменик претседател на Антикорупциска. Дел од експертската јавност со став дека во ваква ситуација сепак Комисијата може да функционира со шест члена, а еден од нив заменик претседател кој ги има истите надлежности.
Дали ДКСК требаше воопшто да даде мислење, дали може или не може во овој период да се спроведува постапка на избор, според поранешниот член на ДКСК, Владимир Георгиев ИЗ е дециден и јасен и Собранието требало да има доволно кадарни правници да може да утврди дека во овој период постапката треба да се стави во мирување и да продолжи по завршување на локалните избори.
Владимир Георгиев-поранешен член на ДКСК
„Ситуацијата е таква што ќе мора комисијата да функционира со шест члена, од коишто еден ќе биде заменик претседател. Тоа е колективно тело, одлуките се носат колективно. Јас не гледам некоја посебна пречка дека ДКСК може да функционира и во овој период како колективно тело и да ги спроведува своите надлежности во време на изборен период. Дали се работи за купување време, имало или немало некоја друга цел заради тоа претседателката сега поднесе оставка, не би можел да кажам, но дкск може да функционира во овој период заедно со заменик претседател. “
Според ИЗ има стриктна забрана за нови вработувања, а и изборот на претседател на ДКСК е ново вработување, воедно не е во делот на итни и неодложни работи кои може да се спроведат.
Во моментов и постапката за избор на Народен правобранител е во мирување, а пред две недели собранискиот спикер Африм Гаши ја потпиша одлуката за распишување конкурс за избор на народен правобранител откако граѓаните на Македонија останаа без првиот човек на оваа на функцијата која ги штити нивните човекови права и слободи, бидејќи доскорашниот правобранител Насер Зибери на 12 јули ги исполни условите за пензија. Ова е една од клучните функции во државата на чија адреса може да стигнуваат забелешки за кршење на избирачкото право.

