Македонија на 84 место по перцепција за корупција заедно со Бугарија, Буркина фасо, Унгарија

Македонија и во 2025 година останува заробена во зоната на висока корупција. Со 40 поени од можни 100, земјата не бележи никакво реално подобрување на Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешенел, иако формално се искачи четири места погоре.

Напредокот во рангирањето сепак не е резултат на реформи, туку на падот на други земји што лани биле подобро пласирани. 

Фактот дека резултатот е идентичен со минатогодишниот јасно покажува дека борбата против корупцијата стагнира, а Македонија веќе втора година по ред не успева да направи исчекор од долготрајниот просек од околу 40 поени. 

Сликата не е пооптимистичка ниту во регионот. Албанија е на 91. место со 39 поени, Србија падна на 116. позиција со 33 поени, а Босна и Херцеговина е 109-та со 34 поени. Косово, иако е подобро пласирано од Македонија – на 76. место – исто така бележи пад и има 43 поени.

Црна Гора останува релативно најдобро рангирана во непосредното опкружување со 46 поени и 65. место, без промена во однос на лани. Овие податоци укажуваат дека борбата против корупцијата стагнира во целиот регион, па дури и во Словенија и Унгарија.