Македонија ќе игра на СП во ракомет на местото на Чешка
Foto

Македонија ќе игра на СП во ракомет на местото на Чешка

Македонската ракометна репрезентација доби одлични вести пред утрешниот старт на Светското првенство (СП) во ракомет, зашто репрезентацијата на Чешка се откажа од настапот поради големиот број позитивни случаи на ковид-19, а на нивно место ќе заиграат македонските ракометари.

Голем број репрезентации пријавија позитивни случаи на ковид-19, па не беше познато кои од нив ќе настапат и дали некоја ќе се откаже за на нејзино место да влезе македонската репрезентација, која пред некој ден ги почна вонредните подготовки за големото натпреварување.

Чешка пријави 15 позитивни случаи, од кои девет ракометари и шест лица од стручниот штаб, а тие и на официјалната страна на Фејсбук потврдија дека се откажуваат од СП во Египет. Прв противник ќе ни биде Шведска, која има проблеми со Ковид-19 и со голем број првотимци и стандардни репрезентативци откажани уште пред подготовките. Тој меч се игра в четврток, од 19 часот, а останатите две репрезентации кои ќе се соочат со нашите ракометари се Египет и Чиле.

Со домаќинот ќе се соочиме на 16 јануари, а последен противник ќе ни биде Чиле на 18 јануари. Ако се потсетиме дека во минативе десет дена двапати го совладавме Чиле со подмладена репрезентација, без Кире Лазаров, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков.... доаѓаме до заклучок дека ова е група во која пласманот понатаму е речиси сигурен.

Во втората фаза ќе се пласираат првите три селекции од секоја група, па практично победа со Чиле ќе биде доволна за тоа. Меѓутоа, секој освоен бод со останатите ќе биде добредојден, бидејќи ниту во главната фаза задачата не изгледа тешко. Се вкрстува со групата Х, каде што се Словенија, Белорусија, Русија и Јужна Кореја, па оптимистите можат да видат и бодови за Македонија и шанси дури и за четвртфиналето.

0 Коментари

Остави коментари