Македонија ја совлада Малта со 2-1
Македонската фудбалска репрезентација победнички го отвори осмиот евроквалификациски циклус за пласман на континенталниот шампионат во Германија идното лето, после вечерашниот триумф со 2-1 против Малта на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Повеќе од еден час Македонија се мачеше за да ја пробие Малта, па во шест минути, Елиф Елмас и Дарко Чурлинов постигнаа два гола за да падне тежок товар од плеќите на македонските фудбалери, кои безидејно само кружеа околу шеснаесетникот на противникот, не можејќи да дојдат во идеална шанса за погодок.
До 58-та минута од мечот Македонија немаше шут во рамките на голот, пред Елмас да го тестира малтешкиот голман, а по одбиената топка за старт врз Бојан Миовски, судијата да досуди пенал, но ВАР да го пониишти.
Сѐ до овој момент беше за заборав од Македонија, која без оглед што имаше контрола на топката, кружеше околу противничкиот шеснаесетник за да најде начин за шанса, остана само на неколку неуспешни обиди, дузина пропуштени шанси за да се упати удар од далечина и еден куп непрецизни чентаршутеви и додавања во шеснаесетникот.
Влегувањето на Илија Несторовски и Дарко Чурлинов, на сметка и на еден стопер (Дарко Велковски) се размрда повеќе нападот, па Елмас во 66-та во трк погоди на спуштената топка од Миовски, а во 72-та Чурлинов прекрасно ја дуплираше предноста и практично ја обезбеди победата.