Македонија ја изгуби шансата за поволен кредит од 100 милиони евра од ЕБОР за енергетската криза

Македонија останува без 100 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој кои беа наменети за справување со енрегетската криза. ЕБОР го сопрела кредитот и „замрзнатите“ пари за земјава ќе ги пренасочи за други потреби, бидејќи со месеци договорот за заем е блокиран во парламентот, тврдат од власта.

Партиските препукувања за кредитот меѓу власта и опозицијата ја оставија земјава без доволно пари за ЕСМ токму на почетокот на грејната сезона кога потрошувачката расте. 

Со месеци траеа препукувањата на релација ВМРО-СДСМ и блокадата во собрание. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски објави дека договорот за заем е условен со затворање на Осломеј во 2023 и РЕК Битола до 2027 година.

Но, од власта велат дека со документите доставени до Собранието имало и таков со објаснување дека РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино ќе бидат дел од ревидираната национална стратегија со која ќе се продолжи рокот на нивна употреба, бидејќи кога таа била правена пред 4 години немало енергетска криза. 

Претседателот пак на комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, е дециден дека таков документ не стигнал до нив, а и да стигне не е доволна гаранција без потврда од ЕБОР.

Со парите од кредитот од 100 милиони евра, ЕСМ според предлог законот треба со 55 милиони евра да купува електрична енергија. 24 милиони евра се за отплаќање на стари долгови, а 20 милиони евра за трошоци за пренос на струја, осигурување и одржување, како и исплата на плати.