Македонија и врачи на Бугарија протестна нота, но амбасадорот Радуков не ја прими
Културната дипломатија заврши со дипломатска тензија - новоименуваниот бугарски амбасадор Радуков, одби да ја земе протестната нота од Скопје. По инцидентот со македонското знаме во Софија, денеска во МНР беше повикан новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков, побарано е извинување, а бугарскиот амбасадор одбил да го земе демаршот од Скопје.
- Беше изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата Претседатели, при што дополнително беше побарано објаснување од бугарската страна. - велат од МНР.
Во разговорот со бугарскиот амбасадор беше потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата Претседатели поминале во пријателска атмосфера
Извори од МНР брифираат дека пред средбата во Софија, сè било договорено меѓу кабинетите на претседателите и македонската амбасада во Софија - биле утврдени детали за фотографирање, но само во работниот дел од канцеларијата на бугарскиот претседател. Велат дека бугарската страна отстапила од договореното. Откриваат и дека за време на работниот ручек меѓу делегациите, стоело и македонското знаме. Според нашите извори, македонската влада била свесна за ризиците од средбата, но истата била гест на бона фиде или добра волја. На прашање - зошто веднаш не се реагирало, туку откако се крена македонската јавност, објаснувањето е дека македонската делегација имала обзир, затоа што само неколку часа претходно се случи авионска несреќа во која загинаа двајца пилоти на бугарското воено воздухопловство.
Реагираше и премиерот Мицкоски. Порача дека Бугарија сака да покаже мускули.
- Тогаш кога ќе се помине Рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, зошто вие ако не реагирате тој исклучок потоа ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. - рече Мицкоски.
И додека Скопје, се лути, Софија со ладнокрвен одговор- порача дека посетата ниту била државна ниту работна - ќе ја пречекаат Сиљановска-Давкова со државно знаме кога ќе отиде во официјална државна посета.
- Очекувам овој деклариран стремеж за отвореност и конструктивност да биде прифатен и од владата на Македонија, но да биде јасно дека тоа не беше ниту државна, ниту работна посета и јас се надевам дека во многу скоро време претседателката на Македонија ќе дојде и во државна посета на која со сите официјални церемонии по протокол, ќе допринесе за понатамошно развивање на нашите односи. - рече Румен Радев претседател на Република Бугарија.
Претходно и советникот на Радев, го коментираше случајот за отсуството на македонското знаме. Праша - ако некој државник од соседна држава дојде да пие кафе во Бугарија, дали треба да се стават знамиња во кафулето.
Инаку, тензијата меѓу Скопје и Софија се случува во време кога Бугарија бира влада, а македонската делегација предводена од премиерот Мицкоски се спрема на пат за Брисел, да ги презентира македонските позиции и тн француски предлог плус за решение за деблокада на евроинтеграциите на земјата.