Македонија и официјално му должи на Виктор Орбан - потпишан унгарскиот кредит тежок 500 милиони евра
500 милиони евра од унгарската Експорт-импорт банка од денеска се и официјално најновиот кредит, кој земјава го зема. Во име на Владата, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во Будимпешта го потпиша договорот со банката.
Според неа, со овој кредит, кој има камата од 3,25 проценти, земјава прави заштеда од околу 14 милиони евра годишно, оти за ваков заем, меѓународниот финансиски пазар во моментов наплаќа 6 проценти камата. Рокот за враќање од 15 години и трите години грејс период даваат предност и помал ризик од потреба за рефинансирање.
„Тоа беше повеќе од потребно за нашата економија, која во првиот квартал имаше многу слаба економска активност и бараше мерки кои ќе направат раздвижување и забрзување на економската активност. Исто така, и реализацијата на проектите во општините претставуваа неопходност затоа што и тие ќе имаат позитивно влијание врз економската активност, а дополнително со нив ќе решиме и горливи проблеми на граѓаните.“
За опозицијата, кредитот од Унгарија е има сомнителни побуди и е извор на корозивен капитал. Поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи вели дека индикативно е што само една недела пред одлуката за кредитот, унгарската банка добила заем од една милијарди евра од Кина. Од друга страна, целата изложеност на банката е 1,7 милијарди, а 30 проценти од оваа сума дава кредит на друга земја, што нее многу вообичаеновели Битиќи, кој потсети дека Законот за ова задолжување бил донесен по скратена постапка, без ниту едно присуство на министењрката за финансии.
Половина од парите од унгарскиот кредит ќе одат за инфраструктурни општински проекти, а половина за поддршка на домашните компании кои ќе ги добијат по поволни услови, па министерката очекува тоа да влијае на отпочнување на нов инвестициски цисклус во приватниот сектор од над 500 милиони евра, со кој ќе се обезбедат повисоки стапки на економски раст. Експертите контра министерката - овој кредит нема никаква развојна компонента.
До крајот на неделата парите од унгарскиот кредит треба да бидат префрлени на сметките во земјата и потоа да почнат да се реализираат согласно планираното.