Македонија и Бугарија конечно се договорија за тунелот за брзата пруга

Македонија и Бугарија се чекор поблиску до историска инфраструктурна соработка. По години преговори и недоразбирања, двете земји постигнаа конкретен договор за изградба на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Ѓуешево и Деве Баир, дел од Коридорот 8.

На средба во Брисел, во организација на Европската комисија, двете страни се договорија до крајот на јули да го финализираат меѓувладиниот договор кој ќе ги дефинира техничките и финансиските детали. Потпишувањето се очекува оваа есен, а градежните работи треба да започнат во првата половина од 2026 година.

„Се разговараше за содржината и потпишувањето на Договорот за оваа есен, со што би се отворил патот за отпочнување градежни работи на почетокот на 2026 година. Двете страни се согласија да продолжат со активностите за изградба на прекуграничниот тунел доставен од страна на Македонија.“

Објаснувајќи ги деталите за договорот кој го очекува да се постигне, премиерот Христијан Мицкоски вели дека е задоволен што, како што рече „можеме да изградиме консензус кога станува збор за заедничкиот интерес“.

Од македонска страна, министерството за транспорт и железничката администрација веќе ја завршија трасата Куманово – Бељаковце и работат на делницата до Крива Паланка. Од бугарска страна, тендерите за изградба на делницата до средината на тунелот се во тек, со инвестиции од над 69 милиони евра. Проектот е дел од европската транспортна мрежа, што ќе овозможи брза и современа железничка врска од албанскиот Јадран до бугарското Црно Море.