Македонија го слави 11 Октомври
11 Октомври е празник на востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.
Настанот од 11 oктомври 1941 година е неповторлив и клучен историски настан, кој е синоним за отпорот на македонскиот народ и го симболизира официјалниот почеток на Народноослободителната антифашистичката војна (НОАВМ) во Вардарска Македонија. Бескомпромисната борба на партизаните од првиот Прилепски партизански одред и акциите кои тие ги изведоа со нападот на бугарската полициска станица, затворот и прекинот на електричните и телефонски жици, го трасираше борбениот пат кон слободата. Веќе следниот ден, на 12 октомври 1941 година, започнаа вооружените акции и во Кумановско. Во месноста Менкова колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, којшто заедно со Кумановскиот партизански одред формиран во месноста Студена вода ги интензивираше воените дејствија до 17 октомври 1941 година.

