Македонија е зависна од увоз на семенски материјал, има недостаток на национални сорти
Foto

Македонија е зависна од увоз на семенски материјал, има недостаток на национални сорти

Недостаток од национални сорти, зависност од увоз, ограничен пристап до семенски материјал. Недостасува и ефикасен државен мониторинг на ефектите од промена на климата. Државата има планови на хартија, но малку акција на терен.

Најголемиот дел од земјоделците користат меркантилно семе, што во многу случаи значи и непостојан квалитет и помали приноси. Уште е помал бројот на земјоделци кои имаат информации за сорти отпорни на суша или неправилен распоред на врнежи. 

„Ограничениот пристап до семенски материјал доплнително ја влошува ефикасноста и одржливоста на земјоделското производство, а со тоа и егзистенцијата на индивидуалните земјоделци во руралните средини. Голем предизвик е производството и сертификацијата на квалитетен семенски материјал од домашни производители.“ - изјави Силвана Манасиевска Симиќ, преставник на ФАО.

Препорака на експертите и Националните планови за борба со климатските промени е користење на хибридни сорти, промена на културите и органско производство. Некои од научните институции почнаа опити за производство на пиперка, грав и пченица, нови сорти  приспособливи на климатските промени. Следен чекор е едукација на земјоделците, што е сложен процес со оглед дека во државата има околу 200.000 земјоделски стопанства.

„Овој дел што се работи, во голема мера го засега целокупното земјоделство кај нас, но и на глобално ниво, бидејќи зборуваме за една чувствителна тема, а тоа е борбата против глобалното затоплување, против климатските промени.“ - изјавуи Трајан Димковски, заменик министер за земјоделие.

Промените на климата секоја година земаат дел од приносите на земјоделските култури. Најпогодени се пченицата, пченката, сончогледот и виновата лоза. Предвидувањата се дека без санирање на постојните и изградба на новите системи за наводнување и прилагодување на сортите за дваестина години приносите кај сите култури во државата ќе се намалат за околу  една четвртина.

0 Коментари

Остави коментари