Маја Кадиевска Војновиќ во Светска банка во Вашингтон
Од домашната економска сцена, право во Вашингтон. Поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска Војновиќ е изборот на Владата за македонски кадар во Светска банка. Таа треба да биде дел од Канцеларијата на извршниот директор што ја претставува групата земји во која членува и Македонија.
Официјалните детали за нејзиниот мандат засега не се соопштени. Не станува збор за директорска функција во Светска банка, туку за позиција во тимот кој ги застапува интересите на повеќе држави при одлучувањето за кредити, развојни програми и политиките на институцијата. Кадиевска Војновиќ од 2011 до 2018 година беше вицегувернерка на Народната банка, задолжена за финансиските пазари и платните системи. Подоцна продолжи како универзитетски професор и економски аналитичар.
Во 2022 година влезе и во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде беше еден од погласните економски критичари на тогашната власт. Во највисокото партиско тело остана до 2024 година, а нејзиното име подоцна се споменуваше и како можен кандидат за гувернер на Народната банка. Кон крајот на минатата година името на Кадиевска Војновиќ се најде и во случајот со преземањето на Стопанска банка Битола од српската Алта банка,за која пак опозицијата тврдеше дека е поврзана со српскиот претседател Александар Вуќиќ. СДСМ тогаш отвори сомнежи за политички врски на новите сопственици со ВМРО ДПМНЕ, а како еден од аргументите го посочи токму нејзиното предложено именување во Управниот одбор, кое по неколку дена беше повлечено.
Македонија и претходно имала свои кадри во Канцеларијата на извршниот директор на Светска банка. Во деведесеттите тоа беше Хари Костов, а Нина Фити Неделковска, во два мандата од 2018 до 2020 и од 2022 до 2024 година. Кадиевска Војновиќ сега треба да биде следниот македонски кадар на ова ротирачко место.

