Магија под свеќи во Света Софија во режија на светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ
Славниот виолински виртуоз Стефан Миленковиќ уште еднаш ја освои охридската публика, носејќи незаборавно музичко доживување во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Во автентичниот и мистичен амбиент на предворјето на црквата Света Софија, осветлена од стотици свеќи, Миленковиќ приреди вистинско емотивно патување.Централно место на репертоарот имаше ретко изведуваното и волшебно дело на англискиот композитор Ралф Вон Вилијамс, „The Lark Ascending“ – ремек-дело кое во оваа верзија и амбиент звучеше сосема уникатно.За Миленковиќ, доаѓањето во Охрид одамна ги надмина границите на обичен професионален ангажман.
„Секој пат ми е задоволство кога сум овде и ова е дел од мојот живот- не е само некоја уметничка релација меѓу мене и Охрид.Вечерва имавме едно интересно дело за интерпретација од Ралф Вон Вилијамс англиски композитор насловено како "Д Ларг Асендинг " единствено дело во својот жанр во верзија за виолина и камерен оркестар.И во атмосферата со свеќите и убавата црква света Софија се изгледа магично.Морам да кажам дека охридската публика е прекрасна.Македонија и Охрид имаат едно големо срце и отворена душа и тоа се чувствува секогаш кога настапувам овде луѓето не само што слушаат туку и ја доживуваат." - вели Стефан Миленковиќ виолинист.
Дека годинава уметноста масовно ги привлекува љубителите на културата потврдуваат и официјалните бројки на организаторите. Првиот човек на фестивалот, директор Ѓорѓи Цуцковски, со гордост истакнува дека ова издание на „Охридско лето“ бележи рекордна посетеност, а преполните гледалишта и распродадените билети за ваквите концерти се најголемиот доказ дека квалитетот го наоѓа својот пат до публиката.
Концертот на Миленковиќ уште еднаш ја потврди посебната врска помеѓу светскиот виртуоз и македонската публика, која со силни овации и длабока емоција го награди секој тон отсвирен под охридското небо. Магијата на класичната музика, споена со вековната историја на Света Софија и успешниот менаџмент на фестивалот, оставаат белег кој долго ќе се памети.

