Мадуро и неговата сопруга се изјаснија невини по обвиненијата за заговор за мачење политички противници

Соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се изјаснија дека не се виновни по новото обвинение во САД, што ги товари за заговор за мачење политички противници.

Новите обвиненија, поднесени минатата недела, значително ја проширија постапката против Мадуро (63) и Флорес (70), кои претходно се изјаснија за невини и по обвиненијата дека ја злоупотребувале функцијата за да им помагаат на шверцери во транспортот на кокаин.

Двајцата беа заробени од американската војска во операција во јануари, по наредба на претседателот Доналд Трамп, и пренесени во Њујорк. На сослушувањето пред Федералниот суд на Менхетен, Мадуро ги отфрли обвиненијата како лажни, додека Флорес изјави дека е целосно невина.

Според обвинителството, Мадуро им наредувал на венецуелски функционери да мачат опозициски политичари и воени лица осомничени за заговор против него, со цел да ја задржи власта. Во обвинението се наведува дека во 2014 година наредил киднапирање воени лица за да се изнудат информации за можни дисиденти, а на оние што давале отпор им порачал дека треба „посилно да се притиснат“. Според обвинението, Флорес ја поддржала таа стратегија.

Мадуро и Флорес не се обвинети дека лично извршувале на делата. Доколку бидат прогласени за виновни по сите точки од обвинението, им се заканува минимална казна од 50 години затвор.

Поради новите обвиненија, судијата Алвин Хелерстајн го одложи почетокот на судењето за две недели. Сега се очекува процесот да почне на 14 јуни 2027 година.

Мадуро и Флорес беа уапсени на 3 јануари во нивниот дом во Каракас и пренесени во САД, каде што беа обвинети за трговија со дрога. Оттогаш се наоѓаат во притвор во Бруклин.

Поранешната потпретседателка на Мадуро, Делси Родригез, ја води државата по неговото апсење и во меѓувреме ја интензивираше соработката со САД. Трамп го истакна апсењето на Мадуро и обновувањето на односите со Венецуела како клучни успеси на надворешен план, во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот.