Лозарите ќе излезат на протести, поради револтот од односот и на винариите – и на владата
Foto

Лозарите ќе излезат на протести, поради револтот од односот и на винариите – и на владата

На лозарите им дојде преку глава. Во петок излегуваат на протести. Револтирани се од уценувачките цени кои винарските визби им ги нудат за годинешниот откуп на грозјето. Од здружението „напреден лозар“ бараат цената за смедеревката да не биде под 16, а за вранецот под 18 денари по килограм. Велат дека цените кои им ги нудат визбите се далеку под производната. Лути му се и на министерството за земјоделство кое не било многу заинтересирано да помогне во решавањето на проблемот.

Ако визбите останат на овие цени, лозарите ќе бараатод државата дополнителни субвенции по килограм, со што вкупната цена на грозјето да биде над производната. Велат дека Македонија има двојно пониски откупни цени на грозјето од земјите во регионот. Затоа побараа и отворање на странските пазари.

Повторно ги повикаа стручњаците од високообразовните институции да се вклучат во следењето на реколтата, одредувањето на технолошката зрелост и шеќерните единици на грозјето. Токму тука, велат лозарите се прави најголемата манипулација од, како што ја нарекоа „винарската олигархија“.

Од Министерството за земјоделство велат дека ќе помогнат лозарите и визбите сами да се договорат околу откупната цена, но не можат да влијаат врз цената, оти се работи за пазарни односи меѓу производител и купувач. Сепак, доколку цената на грозјето биде под рентабилноста, државата е подготвена да одобри нова интервентна мерка.

0 Коментари

Остави коментари