ЛОЗАРИТЕ ГИ ЗАКРОИЈА ЛОЗЈАТА, МУ СЕ ПОМОЛИЈА НА НИВНИОТ ЗАШТИТНИК СВЕТИ ТРИФУН ДА ИМ ДОНЕСЕ БЕРИЌЕТНА ГОДИНА
Foto

ЛОЗАРИТЕ ГИ ЗАКРОИЈА ЛОЗЈАТА, МУ СЕ ПОМОЛИЈА НА НИВНИОТ ЗАШТИТНИК СВЕТИ ТРИФУН ДА ИМ ДОНЕСЕ БЕРИЌЕТНА ГОДИНА

Ветрот кој денеска дува и дождот кој заврна ќе ни донесат бериќет, оти ова се идеални услови за одгледување грозје, едногласни се лозарите кои денеска, на празникот Свети Трифун ги закроија лозјата. Но, лозарството не е само земјоделска гранка, туку можност и за развивање на винскиот туризам. Демиркапијската винарија Попова кула е пионер во оваа област, се пофали денеска нејзиниот сопственик Јордан Трајков. Вели дека многумина не му верувале, кога ја соопштил идејата да гради винарија и хотел во рурална средина.

Заедно со вицепремиерката Мила Царовска, евроамбасадорот Самуел Жбогар и првиот човек на Светска банка за Македонија Марко Мантованели, Трајков го закрои лозјето, од кое го прави своето вино. Токму Попова Кула е една од десетте компании кои се дел од проектот на Европската унија и Светска банка за локална и регионална конкурентност, а преку кој се инвестирани 18 милиони евра.

Цитирајќи го писателот Едуардо Галеано, според кого ние сме мртви се додека не го пробаме првиот бакнеж и втората чаша вино, евроамбасадорот Жбогар вели дека целта на проектот е да се изгради вински бренд, кој ќе го промовира туризмот во земјава.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска смета дека со ваквите проекти, во кои компаниите вложуваат половина од инвестицијата, се поттикнува развојот на нови туристички содржини.

Празникот Свети Труфун е заштитник на лозарите. На овој ден, тие симболично ги закројуваат своите лозја и се надеваат на успешна лозарска година, во која ќе најдат пласман за своето грозје, а ќе постигнат и достоинствени цени за него.

0 Коментари

Остави коментари