Лондон и Брисел ги усогласија ставовите во однос на Брегзит
Foto

Лондон и Брисел ги усогласија ставовите во однос на Брегзит

Велика Британија и Европската унија постигнаа нов договор за Брегзит. Двете страни успеаа да го надминат најголемиот проблем во досегашниот дел од преговорите, односно, границата со Северна Ирска.

Според новото решение, државата ќе остане во царинска унија со Велика Британија, но за производите надвор од Европа британските власти ќе воведат царини. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер упати писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во кое го информирал дека главните преговарачи на Лондон и Брисел постигнале согласност за ревидиран Договор ..Јункер ги повика 27-те членки на Унијата да го поддржат Договорот за Брегзит, порачувајќи притоа дека е во нивни интерес Велика Британија на пријателски начин да ја напушти Унијата.

„Постигнавме договор и тоа значи дека нема потреба од ново пролонгирање. Ова е фер и балансиран договор и ја потврдува нашата посветеност да се изнајде решение. Тој обезбедува сигурност.“ - изјави Жан Клод Јункер - Претседателот на Европската комисија.

Британскиот премиер Борис Џонсон смета дека новиот договор ќе може да биде ратификуван до 31 октомври, кога е планиран излез на Велика Британија од ЕУ. Се надева и дека договорот во сабота ќе ја добие потребната поддршка од Парламентот.

„Ова е многу добар договор за Европската Унија и Велика Британија и ја рефлектира досегашната работа меѓу двете страни. За нас ова значи дека можеме да продолжиме со Брегзит и да ги исполниме нашите цели.“ - изјави Џонсон – премиер на Велика Британија.

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние го поздрави постигнатиот договор, оценувајќи го како чесен и разумен компромис, кој ги штити европските интереси. Барние сепак повика на претпазливост, бидејќи договорот треба да биде ставен на гласање во британскиот Парламент а пратениците досега неколкуу пати ги отфрлаа договорите за Брегзит.

Но не сите се сложуваат со новиот договор меѓу Лондон и Брисел. Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин смета дека договорот на премиерот Борис Џонсон е полош од оној кој го постигна поранешната премиерка Тереза Меј, договор кој три пати беше одбиен од Парламентот.

„Овие предлози ризикуваат да предизвикаат трка до дното на правата и заштитите: ставање под ризик на безбедноста на храната, намалување на еколошките стандарди и правата на работниците. Овој договор за распродажба нема да ја обедини земјата и треба да биде отфрлен. Најдобар начин да се реши Брегзит е на народот да му се даде последниот збор на јавно гласање.“ - изјави Цереми Корбин.

Слично мислење има и првиот човек на Шкотската националистичка партија Мајк Расел кој вели дека најновиот договорот меѓу Лондон и Брисел е посебно дестуктивен за Шкотска ...Расел, кој воедно е и секретар на шкотската Влада вели дека договорот треба да биде ставен на гласање пред шкотскиот Парламент но и пред народот, напоменувајќи приотоа и дека во двата случаи големи се шансите тој да не биде прифатен.

0 Коментари

Остави коментари