Лога: Заклетвата на Силјановска - Давкова е ништовна
Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска реагира министерот за правда Кренар Лога. Според него, треба да се повтори постапката или функцијата да ја преземе претседателот на Собранието, Јован Митревски.
„Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска. Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на собрание), како В.Д.“ - напиша Лога на Фејзбук.
Меѓу првите реакции е и таа на ДУИ. Арбер Адеми, говорот на Силјановска го поситовети со говор за пригоден за 8 март без да се спомне ЕУ и НАТО. Според Адеми, новата претседателка го прекршила Уставот.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен попладнево преку социјалната мрежа Х порача дека Северна Македонија треба да продолжи со приспатувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.
„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа.“- напиша Урсула фон дер Лајен.
Со реакција се јави и грчкото МНР, од каде велат дека европскиот пат на Северна Македонија и односите со Грција зависат од спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име. Додаваат дека новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија“.
„Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски, соопштија од грчкото МНР. Грција, во овој контекст, категорично изјавува дека дополнителниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот тек на земјата зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата.“ - соопштија од грчкото МНР, пренесе МИА.
Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, во својот текст објаевн на „Ливертас.мк“ пишува дека:
„Во моментот кога повторувајќи ги зборовите на заклетвата кажани од претседателот на собранието одби да го употреби новото уставно име на државата, таа, така да се изразам, и објави војна на Грција. Со својата постапка таа му ги скрши стаклените нозе на Преспанскиот договор на најважната точка за соседите – прашањето за името на нашата држава (the name issue), тема со која се занимавме четврт век и која не закочи во евроинтеграциите во златните години на ЕЗ и ЕУ. Следи грчка реакција која, како и секогаш, најдиректно граѓаните ќе ја почувствуваат на граничните премини, а владата во влошените меѓудржавни односи со Грција. “ - пишува Малески.
Грчките медиуми, на инаугурацијата на новата претседателка пишуваат дека Силјановска положи заклетва како претседателка на земјата, која ја нарече „Македонија“ што според нив тоа е провокација.
ТВ 24 го побара претседателот на Собранието, Јован Митрески околу случувањата со лавината реакции, но ниту одговори на телефонските повици ниту на пораките. Со реакција околу потребата на Уставното име изостанаа од партијата на СДСМ кои до сега не се изјаснија околу неупотребата на уставното име.