Љутков со контра-тези на професорката Груевска-Маџовска

Јавни критики за институционалниот однос и грижа кон македонскиот јазик помеѓу професорката Симона Груевска Маџоска, која поднесе неотповиклива оставка од позицијата претседателка на Советот за македонски јазик и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

По меѓусебните јавни обвинувања за Националната стратегија, како и за процесот на одбележување на 80 годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, министерот, на прашање одговори дека грижата на институциите може да се види со одбележувањето јубилејот.

Зоран Љутков-министер за култура и туризам

„Тука беа вклучени министерството за култура и туризам, МОН, МНР и сите институции коишто имаат програми во делот на македонскиот јазик. Имаше огромен буџет за одбележување на тој значаен јубилеј. Кога ќе слушнете од другата страна дека немало воопшто средства треба да се запрашате, како сите институции коишто ги обединивме во еден одличен јубилеј со сите нивни програми, буџети, можеме да кажеме дека не обрнуваме доволно внимание?“     

Професорката, во вчерашното гостување на Тв 24 посочи дека долг период се обидувала да се започне процесот за работа врз Националната стратегија за македонски јазик, но ниту ѝ било објаснето, ниту била примена во министерството.

проф. д-р Симона Груевска Маџоска 

„Јас лично, навистина многу енергија потрошив за сето тоа да помине во најдобар ред. Веќе цела година се обидував да се започне работата врз Националната стратегија за македонскиот јазик. Јас прво немав информација, како оди процедурата. Побарав, како што е ред, да ме примат во правниот сектор во министерството за култура и туризам за да ми објаснат каде треба да се обратам за да се започне. Тие не ме примија.“     

По оставката, за челното место на Советот за македонскиот јазик, Владата ја назначи професорката Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и професор на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.