Љутков национален координатор за култура - Идејата за СВП под локална надлежност наиде на неодобрување
Од министерска фотелја, во нова владина улога. Разрешениот министер за култура и туризам Зоран Љутков е назначен за национален координатор за култура. Новата функција ја добива во момент кога е во центарот на вниманието поради предлогот, поднесен додека беше министер, Струшките вечери на поезијата да ја загубат самостојноста и да станат сектор во Центарот за култура во Струга. Предлогот не поминал во Владата, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова јавно го критикуваше ваквиот однос кон една од најпознатите културни институции во земјава.
„Навистина е шокантно, за мене е ова некултурен однос. Јас очекував оваа славна институција, овој славен феномен, да биде поткрепен во понатамошниот развој – финансиски, со дигитализација, со простор, со нови проекти, затоа што е препознатлив ширум светот. И вие сега, наместо да го поткрепите и поддржите, зашто тоа го заслужува, да го сведете на дел од бирократијата, на дел од организацијата, мислам дека е длабоко неразбирање на улогата, на меморијата, на успесите, на она што е сторено. Страшно е. Да дојде тоа од некоја институција што не разбира што е култура, ама да дојде од Министерството за култура.“
По нејзината реакција, Љутков во медиумите тврдеше дека идејата за укинување на самостојниот статус потекнала од двајцата директори на СВП. Раководството на фестивалот возврати со категоричен демант. Велат дека никој од институцијата никогаш не предложил такво нешто и бараат, доколку постои таков документ, порака или каква било трага, таа да биде објавена. Според нив, разговорите што се воделе биле за зајакнување на СВП, враќање на просторите и проширување на капацитетите на институцијата.
„Тогашниот министер Зоран Љутков, кој на 24 јуни држеше говор на отворањето на Струшките вечери на поезијата 2026, можеше барем усно да нѐ информира дека е покрената таква иницијатива. Затоа, прашуваме, како без наше знаење, согласност или било какво мислење некој поднел барање до Владата за укинување на институцијата?„
Љутков беше министер за култура и туризам нешто повеќе од две години. Неговиот мандат го следеа остри спорови во културата со Синдикатот околу пресметката на платите и колективните договори, кои во март годинава резултираа со кривична пријава од синдикатот против него. Сега, на тоа се надоврзува и случајот со обидот за реорганизација на Струшките вечери на поезијата. Но, контроверзиите очигледно не беа пречка Љутков да остане во владините структури, сега како национален координатор за култура.

