Литија во Струга спротивно на препораките, верниците еден до друг при корона-криза

За разлика од Велигден кога храмовите останаа празни, три недели подоцна и покрај многубројните апели на црквата кон верниците оваа година да се воздржат од физичко присуство и на ѓурѓовденската литија во Струга поради пандемијата, голем број од граѓаните сепак присуствуваа и во храмот на богослужбата, а се приклучија и кон поворката, иако митрополитот Тимотеј неколкупати од говорницата ги предупреди и апелираше да останат на едно место и со одржана дистанца од страна да ја следат поворката, која со моштите и иконата на Св.Георгиј продефилира низ градот.

Но бараната дистанца меѓу граѓаните не беше видлива.

Дел од присутните верници беа дисциплинирани и носеа маски, други стоеја на тротоарите и балконите, но имаше и такви кај кои воопшто не се забележуваше претпазливост, ниту загриженост поради вонредната состојба и вирусот.

Анкетираните рекоа дека дошле без страв оти верата во бога и црквата им е посилна од сите стравови и болести.

Разочарување за ваквиот развој на настаните во Струга изрази и министерот за здравство, Венко Филипче. Тој на Фејсбук изрази разочарување од собирот на верниците што се одржа и побара да се спроведе истрага како се дозволило да се случи.

„Сцените кои ги гледам денес од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала“ - напиша Филипче.