Листа на должници на УЈП: Фирми блиски до Мијалков и фирма на Вице Заев
Фирми блиски до поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и фирма на Заеви се најдоа на најновата листа на должници што ја објави Управата за Јавни Приходи.
Станува збор за долгови доспеани до 30-ти ноември 2023-та и неплатени до 29-ти февруари 2024-та. На листата во десетте најголеми должници се и фирмите „Дивелоп груп“ и хотел „Гранд М“ кои се поврзуваат со поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Додека пак фирмата Сара-Јавор Инженеринг од Струмица, која е во сопственост на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев има долг од неколку милиони денари за неплатен Данок на додадена вредност и Данок на добивка.
Но, освен приватни компании долгови кон УЈП имаат и државни и општински јавни претпријатија. ТВ 24 праша во УЈП, какви мерки ќе бидат преземени против должниците?
- Мерките за присилна наплата а согласно со овластувањата на Управата за јавни приходи вклучуваат: решение за присилна наплата од сметка т.н "блокада" на сметка во Банка,решение за присилна наплата од парични побарувања за лични примања на должникот односно 1/3 од плата или пензија, запишување залог и хипотека на движен и недвижен имот на должникот заради обезбедување на плаќањето, продажба на хартии од вредност на должникот; попис, процена, заплена и продажба на движен и недвижен имот на должникот. Присилната наплата може да се спроведе на еден или повеќе предмети во исто време. - велат од УЈП.
Прашавме и колкав е рокот кој што ќе им биде даден на должниците за целосно подмирување на долговите и што доколку во тој рок повторно не бидат целосно подмирени истите?
- Согласно Законот за даночна постапка и посебните материјални Закони, Управата за јавни приходи презема мерки за наплата за сите должници кои имаат доспеани и неплатени долгови. - велат од УЈП.
Инаку, на најновата листа на должници се најдоа 1.800 компании и нешто над 3 600 граѓани. Долговите кон УЈП се по основ на неплатен ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за здравствено и пензиско осигурување, акцизи и царини.