Лидерска средба Заев - Мицкоски: Одложен попис, договор за изборите и договор за деблокада на Собранието
Foto

Лидерска средба Заев - Мицкоски: Одложен попис, договор за изборите и договор за деблокада на Собранието

Наместо во четврток на први април, за кога што првично беше закажан, пописот ќе се одржи на почетокот на септември годинва. Ова е конечниот договор помеѓу лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Но, одложувањето ќе важи само за државјаните што живеат во Македонија но не и за дијаспората. Сите оние што живеат во странство ќе може непречено да се попишуваат до 30 септември до кога ќе трае и теренското попишување во земјава. 

Договорот за одлагање значи дека Собранието ќе мора да донесе нов Закон за одлагање на Законот за попис. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски немаше конкретен одговор дали се договориле СДСМ да го поддржи овој закон што претходно до Собранието го достави ВМРО-ДПМНЕ.

Во контекст на коронакризата и претстојанта имунизација на населението и Заев и Мицкоски информираа дека до крајот на април во земјава треба да пристигнат 350 илјади вакцини а до крајот на месец мај два милиони и шетотини илјади дополнителен број вакцини од различни места. 

Освен Пописот за две недели покасно ќе се одложат и локалните избори.  Кампањата за локалните избори, како што информираа Заев и Мицкоски, ќе почне на први октомври. А дотогаш двајцата лидери се согласиле дека во Собранието ќе треба да се изгласаат измените на Изборниот законик а се однесуваат на употребата на апарати за отисок на прстите за време на изборите.

За другите спорни прашања како што се изборниот модел, начинот на избор на градоначалници и спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР ќе се разговара дополнително на ниво на работни групи. Но за да се спроведат сите договорени точки од денешната лидерска средба најпрвин ќе треба да се одблокира работата на Собранието. Мицкоски вети дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конструктивна опозиција а Заев дека во среда ќе се сретне со Алијанса за Албанците и со Алтернатива, двете партии кои го блокираа Собранието со илјадници амандмани за повеќе закони. 

Сето она што денеска го договорија Заев и Мицкоски веќе од утре треба да се најде на маса во Собранието.

0 Коментари

Остави коментари