Лидерот на Хезболах бара целосно повлекување на израелските сили од Либан

Лидерот на либанското шиитско движење Хезболах, Наим Касем, синоќа повика на целосно и безусловно повлекување на сите израелски трупи од јужен Либан, јави ДПА.

„Решението за сегашниот конфликт во Либан бара целосно повлекување на Израел, без Хезболах да обезбеди нешто за возврат“, рече Касем во претходно снимено обраќање емитувано на телевизискиот канал Ал-Манар.

Генералниот секретар на Хезболах рече дека е отворен за внатрешни реформи во Либан, во однос на контролата на оружјето и економската политика, но отфрли каква било надворешна интервенција од САД или други земји.

Израел бара разоружување на Хезболах пред повлекувањето со цел трајно да се елиминираат заканите и потенцијалните терористички акти како оној на 7 октомври 2023 година, јави ДПА.

Израелската војска еднострано воспостави безбедносна зона во јужен Либан, велејќи дека има за цел да ги спречи нападите на Хезболах врз северен Израел. И Хезболах и либанската влада го опишуваат присуството во областа како окупација што го крши меѓународното право.

Според географските пресметки на либанските медиуми, територијата контролирана од Израел опфаќа околу 620 квадратни километри, што е 6% од територијата на Либан.