ЛИЦИТАЦИЈАТА ИМ ГИ ПОКАЧИ КИРИИТЕ НА ЦВЕТНИОТ ПАЗАР И ДО 140 ЕВРА ПОВЕЌЕ
Foto

ЛИЦИТАЦИЈАТА ИМ ГИ ПОКАЧИ КИРИИТЕ НА ЦВЕТНИОТ ПАЗАР И ДО 140 ЕВРА ПОВЕЌЕ

Единствено мото за цвеќарниците од цветниот пазар во Скопје, после првата лицитација која не успеаа да ја одложат, е дека „можеше да биде и полошо“. Сите ги спасија своите дуќани, но добија повисоки кирии. Надворешните наддавачи не беа многу упорни. Едниот не се појави на јавното наддавање, а другата заинтересирана фирма лицитираше само за двата најфрекфентните дуќани, чии кирии им ги покачи за 140 евра.

„Рокот беше премал за јавниот оглас, ние бевме известени минатата сабота, тоа се некои пет работни дена се на се, и немавме време ни за поголема реакција, едноставно затечени бевме во секој случај“ - вели претседателот на секција цвеќари , при Занаетчиската комора, Љупчо Тренески.

Фирмите ќе имаат право на користење на објектите максимум во наредните две години, а потоа повторно ќе треба да лицитираат. На претседателот на секцијата на цвеќари се уште не му е јасно, зошто после девет години, за прв пат се одржа јавно наддавање, иако претходно договорите ги продолжувале со анекси. Надлежните од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ не беа во можност да објаснат пред камера. Единствено, нивната правничка изјави дека такви биле законските прописи.

„Оваа година договорите постоечки истекуваат на 28.07 и благовремено согласно законот за издавање на земјиште под закуп се спроведе со јавен оглас лицитација за издавање на локалите во цветниот пазар“ - вели Тања Стојковска, раководителка на одделението за правни и општи работи во ЈП „Паркови и зеленило“.

И од Град Скопје кусо велат дека лицитацијата е законска обврска. Од занаетчиската комора пак, најавуваат дека ќе бараат измени.

„Велат дека е законски, меѓутоа наша идеја е да има лицитација само ако некој го напушти објектот, ако си функционира и си плаќа редовно закупнина и придонеси, нема зошто да се лицитира. Вака сега на краток рок, требаат и краткорочни планови.“ - вели Тренески. 

Дел од закупувачите велат планираат да останат тука, само додека не најдат посигурно тло или додека не се реши иднаната на Цветниот пазар, кој досега неколкупати беше дислоциран. Рокот за неговото постоење на оваа локација истекува наредната година, а дали Градот ќе го продолжи зависи од темпото на изградбата и на најавениот Јужен булевар, чија траса се предвидува да минува токму тука.

0 Коментари

Остави коментари