Личности на 2018: Хари и Меган, Ангела Меркел, Доналд Трамп
Foto

Личности на 2018: Хари и Меган, Ангела Меркел, Доналд Трамп

2018 е зад нас. Тоа е година на бурни светски настани и големи пресврти кои имаат и свое заштитно лице. Издвојуваме неколку личности од светската политичка сцена во 2018.

ДОНАЛД ТРАМП

Мајсторот на светскиот ријалити шоу, контроверзниот претседател на САД, Доналд Трамп е најголема гаранција дека и годината што доаѓа нема да биде здодевна. На крајот од 2018 година, Трамп се соочува со големи предизвици пред се од проширувањето на истрагата околу руското влијание и судирот со демократите околу буџетот што доведе до привремено затворање на сојузната влада. Освен тоа, неговата антимиграциска политика - одделувањето на деца од родители, изградба на ѕид на границата со Мексико, расправии со новинари како и невообичаениот начин на комуникација – прават тој да биде политичка личност на годината.

КИМ ЈОНГ УН

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун или тестираше ракета или го навредуваше Трамп. Прифати средба со американскиот лидер, која ветуваше, но ништо од тоа не се реализираше. Опасноста од, доколку би се случила, страотна војна на корејскиот полуостров и понатаму ќе биде актуелна. Иако оваа земја е една од најслабите економии во светот, сепак таа е една од највооружените формации. Во состав на нејзината можна армија има и специјални елтини одреди чии специјалци се ултимативни машини за убивање.

АНГЕЛА МЕРКЕЛ

Германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, во својот четврти мандат кој трае до 2021 години, се соочи со јакнење на десничарските партии, делумно и како резултат на нејзината имигрантска политика. По цели 18 години, Меркел објави дека нема да се кандидира за претседател на Демохристијанската партија. ЕУ останува без политичарка која се залагаше за сочувување на нејзиното единство и целовитост.

ТЕРЕЗА МЕЈ

Меѓу чеканот во Брисел и наковалната во Британија, каде што ја критикуваа и опозицијата и сопствената партија, премиерката Тереза Меј склучи договор за раздружување со ЕУ. Гласањето во британскиот Парламент за текстот на документот мораше да го откаже поради длабоките поделби и извесниот неуспех. Потоа го преживеа гласањето недоверба кое го организираа нејзините ториевци. Песочниот часовник истекува до закажаниот развод кон крајот на март.

ЏАСТИН ТРУДО

Светот не престануваше да зборува за Џастин Трудо, канадскиот премиер кој „мајсторски“ му се спротивстави на Трамп и неговата политика, а успеа да ја шармира и неговата ќерка Иванка. За многумина тој е само неискусно убаво момче кое не е дораснато да биде премиер на толку голема нација. Но, тој е можеби единствениот премиер кој во својот кабинет има министри кои потполно одговараат на својата позиција. Тоа ја прави неговата влада најсовршена во светот.

МЕГАН МАРКЛ

Венчавката во британското кралско семејство на принцот Хари и Меган Маркл ги избегна вообичаените кралски традиции. Иако Меган се откажа од некои работи, сепак двојката е многу поразлична од останатите. За време на нивната врска го прекршија протоколот неколкупати. Нешто што е недозволиво за членови на кралското семејство е токму потегот на Меган кога таа се појави на насловна страница на познато списание. Држењето за раце и разменувањето нежности во јавност е нешто што се случува многу ретко во кралското семејство. Меган претходно била во брак и е разведена. Иако венчавањето на кралските членови со некој кој е разведен не е табу тема во британското кралско семејство, сепак е невообичаено. Британското кралско семејство е толерантно за сите религии, но правило е да се биде дел од Црквата на Англија, што не е случај за Меган.

2018 е зад нас, но почнатите и незавршени работи ветуваат дека и Новата 2019 ќе биде доволно драматична.

0 Коментари

Остави коментари