ЛГБТ во судир со Костадинов

„Овие налепници денес ја преплавија Струмица. Со ова Струмица од една прогресивна општина, општина која уживаше имиџ на слободарска зона во времињата на режимот, сега се претвори во нео-фашистичка паланка чија исклучувачка и хејтерка идеологија не може да донесе никому ништо добро“, ова на својот Фејсбук профил го напиша активистката Ирена Цветковиќ која го прозва градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов дека тој бил „ороводец на хајката“ против ЛГБТ заедницата.

„До сите слободоумни и емпатични луѓе во Струмица, до нашата заедница и поддржувачите таму - чувајте се, и не заборавајте дека виножитото излегува дури откако ќе ве накисне дождот“, вели Цветковиќ.

Костадинов реагираше на нападите упатени кон него од одредени невладини организации, поради поддршката што ја дава за трибините и јавната дебата поврзани со Законите за родова еднаквост и за матична евиденција при Струмичката епархија на МПЦ-ОА. Најави дека од денеска како градоначалник, со законско право, ќе стави ништовност на секој меморандум на таквите невладини организации и вето доколку каков било допис стигне до општината од нивна страна. Но исто така вели дека не ја разбира потребата на одредени невладини организации да се занимаваат со неговото човеково право на верување во Бога и дека ова е хајка против него.

Инаку претстојнава сабота во Скопје ќе се одржи „Скопје Прајд 2023“ под мотото „Гласни и горди“ со марш низ скопските улици.