Левица со нова иницијатива за референдум, Тупанчевски вели постоечката имала правни аномалии

И Левица ќе поднесе иницијатива за референдум најави денеска пратеникот Борис Крмов откако вчера потесното раководство на партијата ги разгледувало опциите за формулирање на прашањето кое ќе биде во прашална форма но со изјаснување Против.

Велат не се исклучува можноста во прашањето покрај договорот со Бугарија да бараат граѓаните да се изјаснат и против Францускиот предлог.

Од Левица велат дека до крајот на неделата или почетокот на наредната веќе ќе биде формулирано прашањето а иницијативата ќе ја поднесат до собранискиот спикер Џафери и очекуваат поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со која велат заеднички ќе влезат во уште појака и целосна блокада на законодавниот дом во сите комисии и собраниски тела , доколку Џафери повторно ја одбие и оваа иницијатива.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска велат дека собранискиот спикер не е тој кој треба да се става во улога на уставен судија.

Министерот за правда Тупанчевски пак денеска во изјава за медиумите посочи дека иницијативата правно не била издржана сличен став кој веќе го изнесоа и коалициските партнери во власта.

Дали новата иницијатива на Левица ќе ја доживее истата судбина како и онаа на ВМРО-ДПМНЕ ќе се знае откако и тие ќе ја поднесат до собранискиот спикер Џафери. Џафери пак во вторниокот веќе ја отфрли како не уставна иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи начинот на кој била формулирана задирало во уставот.