Левица продолжува со обвинувањата за „октопод“ во ДКСК во интерес на ВМРО-ДПМНЕ – ДКСК негира

Продолжуваат обвинувањата на сметка на Антикорупциска. И денеска партијата Левица продолжи со сериозни обвинувања за антикорупционерите за судир на интереси и заштита на актуелни функционери од антикорупциска проверка.

Левица тврди дека со самото признание на Државната комисија дека во архивата било ангажирано лице со договор за дело, поврзано со партиски блиски медиумски и универзитетски кругови и дека институцијата функционирала со сериозни внатрешни слабости, ДКСК всушност го признала она што тие го разобличувале.

ЛЕВИЦА

- Со демантот за октоподот ДКСК индиректно призна дека работи за власта Т.н. демант на Државната комисија за спречување на корупцијата не само што не ги побива наводите на Левица, туку индиректно и ги потврдува. Со ниту еден збор не се демантира суштината, а тоа е дека во мандатот на Владата на ДПМНЕ, ДКСК не излезе со ниту еден цврст, храбар и принципиелен став за низа флагрантни случаи на непотизам, судир на интереси, незаконски именувања, сомнителни дипломи, тендерски мрежи, партиски и роднински колонизации на институциите. Напротив, Комисијата се прогласуваше за ненадлежна, ги отфрлаше пријавите, „не утврдуваше неправилности“, или ги заглавуваше предметите во фиоки - како во случајот со незаконски именуваниот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, за кого и по повеќе од една година нема никаков исход, ниту пак ДКСК во својот „демант“ кажува до каде е постапката.

Од Антикорупциска пак негираат судир на интереси и местење на предмети бидејќи, како што велат, софтверот бирал кој член на кој функционер ќе му бара корупција. Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ за 24 оцени дека обвинувањата се неосновани и целосно спротивни на начинот на кој што функционира Државната комисија. Тој нагласи дека системот за распределба на предмети не дозволува никакви манипулации. 

Претседателот на Комисијата потсети и дека ДКСК работи како колективно тело и дека сите одлуки се носат на јавни седници, со мнозинство гласови. Инаку, Левица претходно обвини дека постои мрежа за контрола врз текот и исходот на предметите, во која клучна улога ѝ се припишува на членката на Комисијата, Цвета Ристовска и на лицето ангажирано во архивата, Татјана Наќева.